Денеска на Европското првенство се последните два натпревара од четвртфиналната фаза кои носат нови возбудувања.
Секако шлагер на денот е дуелот меѓу актуелниот светски шампион Германија и репрезентацијата на Словенија, предводена од Лука Дончиќ, убедливо најефикасната селекција досега на првенството против најдобриот стрелец. Германија досега покажа невидена моќ и со право е прв фаворит за титулата, без разлика што на клупата ќе го нема селекторот Алекс Мумбру.
Не само што триумфираше на сите шест натпревари досега, туку најмалата победа на Германија изнесуваше 19 поени, против Литванија во групната фаза. Доминацијата на германската селекција наликува на онаа на Југославија од 1991 година кога со исклучок на мечот против Шпанија во првото коло, сите останати дуели ги доби со 15+ разлика.
Словенците како главен адут го имаат Дончиќ, но јасно е дека тој сам не може да ги победи Германците. Дури и против Италија, тој не издржа цел натпревар, па победата на Словенија во финишот беше доведена во прашање и затоа денеска ќе мора да добие помош од соиграчите, ако неговата репрезентација сака да победи.
Првиот меч од денешната програма го играат Финска и Грузија, на хартија не многу атрактивен дуел, но секако треба да донесе многу возбудувања. Ниедна од овие две селекции досега не стигнала до полуфиналето, па која и да победи, ќе ја смени историјата на кошарката во својата земја.
Натпреварот меѓу Финска и Грузија почнува од 16, а меѓу Германија и Словенија во 20 часот.


