Иако минатиот месец тврдеше дека има други планови во животот и не сака да остане на клупата на српската репрезентација, Светислав Пешиќ очигледно паднал на притисокот од новиот претседател на КСС, Небојша Човиќ и прифатил да остане на клупата на националниот тим.
За утре напладне е закажана прес-конференција во еден белградски хотел каде официјално ќе биде потпишан и објавен договорот меѓу Кошаркарскиот сојуз на Србија и Светислав Пешиќ за нова, двегодишна соработка. Тоа значи дека популарниот Кари ќе го води тимот на Европското првенство идната година на кое, ако настапи во истиот состав како на Олимписките игри, Србија ќе биде најголем кандидат за златото.
Потоа следуваат квалификациите за Светското првенство во 2027 кои ќе ги почне Пешиќ, а ќе ги доврши некој друг бидејќи во меѓувреме ќе истече неговиот договор.


