Актуелниот НБА шампион Денвер Нагетс целосно го сврте во своја корист резултатот во полуфиналната серија од Западната конференција против Минесота откако триумфираше во петтиот меч со 112-97.
Ова е прв меч во серијата на кој победи домашниот тим, а Денвер славеше благодарение на фантастичниот Никола Јокиќ. Српскиот ас пред натпреварот го доби признанието за МВП на сезоната, а потоа покажа дека со право му е доделена наградата бидејќи постигна 40 поени, 13 асистенции и 7 скока, без ниедна загубена топка и со шут од игра 15/22. Противничките кошаркари, на цело со најдобриот дефанзивец во лигата Руди Гобер немаа никакви шанси против расположениот Јокиќ.
Минесота беше во игра до почетокот на третата четвртина во која дури имаше и минимална предност, но потоа Денвер се одлепи на +13 (76-63), а во последниот квартал предноста не се симна на едноцифрена вредност.
Јокиќ беше далеку најдобар играч на натпреварот, па зад него останаа Гордон со 18 поени и 10 скока и Мареј со 16 поени. Кај Минесота, Таунс беше најдобар стрелец со 23 поени, а потфрли Едвардс кој остана на само 18 поени со шут од игра 5/15.
Водство од 3-2 сега има и Њујорк кој на домашен терен ја победи Индијана со 121-91 во серијата во која нема ниеден брејк. Блескаше Џејлен Брансон кој постигна 44 поени, додека Сијакам со 22 беше најефикасен во тимот на Индијана.


