Екипата на Тофаш загуби во петтото коло од групната фаза во Лигата на шампионите од Бнеи Херцлија, но и покрај тоа обезбеди пласман во плејинот од натпреварувањето на ФИБА, на еден меч пред крајот.
Тимот предводен од Емил Рајковиќ доживеа пораз од 81-82, но поради подобриот биланс во меѓусебните дуели со израелскиот тим, сигурно ќе заврши на едно од првите две места на табелата во својата група. Во најлош случај ќе биде третопласиран и тоа благодарение на потегот на македонскиот стручњак во последните секунди од дуелот со Бнеи Херцлија.
Со оглед на тоа што првиот меч со овој ривал, на домашен терен, Тофаш го доби со четири разлика (90-86), се под пораз со -4 му одговараше на тимот од Бурса. Во последните секунди искусниот Фуркан Коркмаз имаше слободно фрлање за +2, но Рајковиќ не сакаше да се коцка и турскиот репрезентативец намерно го промаши „пеналот“.
Со тоа избегна евентуално продолжение во кое Бнеи Херцлија ќе добиеше нова шанса да победи со четири или повеќе разлика, а во исто време немаше опасност домаќинот да постигне еден поен затоа што никој од играчите на Тофаш не направи фаул.
Сега Тофаш има шанса да го освои дури и второто место на табелата во својата група бидејќи во последното коло го пречекува Трапани кого го победи како гостин со 91-89. Доволна му е и минимална победа за да биде втор, а во плејинот кој се игра на два добиени натпревари во јануари, ќе игра против Шоле или Хапоел Холон.


