Во својата дебитантска сезона во елитата, екипата на Маџари ќе игра во финалето од плејофот откако вечерва по вторпат го совлада тимот на ТФТ.
И овој меч беше интересен и драматичен, како и првиот, само што не се решаваше во продолжение, туку заврши по основните 40 минути. Маџари славеше со 71-69 за комплетирање на историската сезона во која ќе се бори и за шампионската титула.
Иако во раната фаза од мечот остана без еден од своите најдобри играчи Џавон Грин, кој се повреди, Маџари издржа до крајот, не се предаде и кога губеше со седум разлика и на крајот заслужено победи. Подобро го отвори мечот и во првата четвртина постигна 29 поени, а на две минути пред нејзиниот крај водеше со 27-20.
ТФТ се консолидира во вториот период и не само што ја достигна негативата, туку и на голем одмор замина со водство од 39-38. Се чинеше дека ја има контролата над резултатот кога на две минути пред крајот поведе со највисоки +7 (55-48), но драмата тукушто почнуваше. Со серија од 9-0, Маџари направи пресврт и повторно го презеде водството, а потоа, до минута пред крајот двете екипи се менуваа во предност. Во нервозната пенал завршница, трагичар беше Виктор Ташовски кој имаше три слободни фрлања за победа, при резултат 69-71, но ги промаши сите три.
Луис беше најефикасен со 24 поени и 13/14 од линијата за слободни фрлања, а само уште Армстронг беше двоцифрен во домашниот тим, со 18 поени. Виктор Ташовски заврши како прво стрелец на ТФТ со 24 поени, но тешко дека тоа е утеха за она што го промаши пред крајот.
Маџари во финалето ќе игра со подобриот од серијата меѓу МЗТ Скопје и Пелистер чија „мајсторка“ е на програмата утре.


