Искусниот плејмејкер на Црвена Звезда, Милош Теодосиќ ќе ги пропушти следните три натпревари во АБА лигата откако доби суспензија поради непримерно однесување на дербито против Будуќност што се одигра во Белград.
Теодосиќ на тој меч, незадоволен од една судиска одлука, влезе во вербален дуел со еден од арбитрите и. според извештаите, упатил закани кон него. Тоа било пријавено во судискиот извештај и плејмејкерот е казнет на три натпревари неиграње во регионалното натпреварување, а доби и парична казна.
„Поради закани кон арбитар за време на натпревар, дисциплинскиот судија на АБА, Хрвоје Видан донесе одлука за санкционирање на играчот на Црвена Звезда, Милош Теодосиќ. Врз основа на повеќе членови од Дисциплинскиот правилник на лигата, Теодосиќ е суспендиран на следните три натпревари во АБА лигата, почнувајќи од 21. коло и парично со 7.500 евра“, пишува во соопштението од АБА.
Ветеранот нема да биде во кокмбинација за настап на дуелите против Задар, Олимпија и Мега, а Звезда не смее да си дозволи кикс на некој од овие натпревари ако сака да остане во игра за првото место на табелата по основниот дел од сезоната во АБА.


