Кошаркарскиот клуб ПАОК од Солун се соочува со сериозен проблем, откако остана без услугите на еден од своите најважни играчи. Турскиот репрезентативец Џеди Осман заработи повреда на десното колено и ќе мора да биде подложен на оперативен зафат.
Повредата се случила за време на натпреварот против Рома во Еврокупот, кој ПАОК го доби со спектакуларни 113-111. Осман почувствувал болки во коленото, по што бил испратен на дополнителни медицински прегледи.
Магнетната резонанца покажала оштетување, односно скинат менискус на десното колено. Од солунскиот клуб потврдија дека турскиот кошаркар во наредните денови ќе биде опериран.
Ова е сериозен удар за тренерот Андреа Тринкиери, бидејќи Осман има значајна улога во играта на грчкиот тим. Неговото отсуство дополнително ќе ја отежне работата на стручниот штаб во продолжението од сезоната.
Засега не е прецизирано колку долго Осман ќе биде надвор од терените. Конкретната прогноза ќе биде позната по операцијата и дополнителните информации за процесот на рехабилитација.
Според грчките медиуми, се очекува паузата да трае приближно еден месец, што би значело дека ПАОК подолг период ќе мора да се снаоѓа без услугите на турскиот крилен кошаркар.


