Она што пред неколку години почна како иницијатива на раководството на ТФТ, со организирање акции за подигање на општествената свест, вчера официјално прерасна во нешто многу поголемо.
Општествено одговорната иницијатива TFTCares стана Фондација тоа е ново поглавје во мисијата – преку хуманост, солидарност и заеднички акции да создаде подобра заедница за сите.
„Планираме многу хуманитарни акции, еколошки иницијативи, проекти и можности секој да стане дел од позитивните промени. Секој следбеник, секоја споделена објава и секоја поддршка значи чекор поблиску до поголемо добро“, објавија од ТФТ.
Клубот од Тафталиџе низ годините се претстави како колектив со неконвенционален пристап кон кошарката и воопшто кон своите навивачи и приврзаници. Минатата година, кога екипата стигна до финалето на плејофот, пред секој натпревар имаше забави пред салата Кале со кои се креваше популарноста не само на клубот, туку и на кошарката во Македонија. Иако станува збор за клуб кој активно егзистира помалку од една деценија, ТФТ, освен со хуманитарните акции, се истакна и со организирање манифестации за дружење со заедницата, по примерот на НБА франшизите.
Сите акции во иднина на TFTCares можат да се следат на Инстаграм профилот TFT Cares – More Than Basketball.


