Освен тоа што остварува историски успеси и за себе и за македонската кошарка, ТФТ во плејофот од АБА 2 лигата буквално го одмаздува МЗТ Скопје.
Во првата рунда го елиминира Златибор, а во полуфиналето беше подобар од Сутјеска. Двете екипи во основниот дел од сезоната беа подобри од македонскиот шампион МЗТ Скопје кој им гостуваше на меѓусебните натпревари. Од Златибор загуби со 74-102, а од Сутјеска со 77-83 во меч кој МЗТ Скопје можеше да го добие затоа што имаше контрола над резултатот до средината на последната четвртина.
Пред ТФТ сега е најголемиот предизвик и уште еден тим од кого МЗТ загуби во основниот дел од сезоната. Тоа е Широки со кого аеродромци се сретнаа во последното коло и босанскиот претставник славеше со 111-109 по две продолженија.
Ако ТФТ успее и во финалето да го одмазди МЗТ Скопје, ќе ја освои титулата во АБА 2 лигата и ќе обезбеди пласман во елитната конкуренција.


