Вицешампионот на Македонија, ТФТ денеска го игра првиот полуфинален натпревар од АБА 2 лигата, против црногорскиот претставник Сутјеска.
По сензационалниот триумф против Златибор во претходната фаз, тимот од Тафталиџе осоколен влегува и во овој дуел и покрај тоа што повторно нема да ја има предноста на домашниот терен. Сутјеска ќе ја игра евентуалната „мајсторка“ пред своите навивачи, но претходно треба да се помачи да го совлада нашиот суперлигаш кој сезонава е подготвен за големи дела.
Тренер на црногорскиот тим е поранешниот играч на Црвена Звезда, Марко Симоновиќ, а ударна игла е црногорскиот центар Филип Баровиќ кој сега има 35 години, но порано беше репрезентативец на својата земја и член на најтрофејниот клуб Будуќност. Тука е и некогашниот играч на Куманово, Тадија Тадиќ и тројца квалитетни Американци од кои најистакнат е Кристофер Мартин кој е и најдобар стрелец на тимот со 150 поени.
Во лигашкиот дел Сутјеска го совлада шампионот на Македонија, МЗТ Скопје со 83-77, но ни тоа не го плаши тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
„Не очекува тежок натпревар против Сутјеска, тим кој, врз основа на својата организациска структура, квалитет и игра, навистина покажува сериозна амбиција за пласман во АБА Првата лига. Неколку сериозни дополнувања на составот пред почетокот на плејофот само го потврдуваат тоа. Квалитетен и широк состав, искусни играчи и тренер со многу натпревари на високо ниво. Мораме да бидеме енергични и физички присутни во обид да одговориме на нивната агресивност и да играме со многу контакт во текот на целиот натпревар. Ја прифаќаме улогата на предизвикувачи, ослободени од императивот на резултатите и ќе го дадеме својот максимум во обид да продолжиме да ја пишуваме историјата на клубот“, рече Смилковски пред денешниот меч.
ТФТ замина во Никшиќ како лидер на табелата по основниот дел од домашната Суперлига. Денешниот натпревар почнува во 18 часот, а вториот меч е на програмата на 15 април во Скопје.


