Вечерва од 20:30 часот во Широки Бријег почнува финалната серија од АБА 2 лигата во која првпат откако се игра по сегашниот формат, Македонија ќе има свој претставник.
Лидерот во домашното првенство и актуелен вицешампион ТФТ против Широки ќе се обиде да ја освои титулата во ова натпреварување и да се пласира во елитната дивизија. Тоа е втор македонски клуб кој стигнал до финале во АБА 2 лигата, по МЗТ Скопје кој таму играше во 2019 и во 2022 година, но во двата случаја беше поразен, прво од словенечката Приморка, а потоа од Златибор на домашен терен, кога се играше Ф4.
Без разлика што ќе се случи во следниот период, ТФТ игра историска сезона. Веќе успеа да ги елиминира Златибор и Сутјеска и покрај тоа што противниците имаа предност на домашен терен, а сега ќе се сретне со тимот кој беше најдобар во основниот дел од АБА 2 лигата. Широки нема пораз во плејофот, со по 2-0 ги елиминира Јахорина и Домжале, а со оглед на тоа што го освои првото место, ќе има предност на домашен терен во серијата со ТФТ која се игра до две победи.
„Не очекува првиот натпревар од финалната серија, против тимот на Широки. Исклучително тежок предизвик против ривал кој игра модерна и одлична кошарка. Потребна ни е голема концентрација и внимание на деталите, особено во дефанзивната транзиција во обид да не му дозволиме на противникот лесни поени. Свесни сме за сопствениот моментум на добри игри и резултати, нешто што ни ја зголемува самодовербата во ова финале. Сигурен сум дека ќе го дадеме својот максимум во обид да стигнеме до позитивен резултат“, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски пред денешниот натпревар.
Финалето, како и претходните фази, се игра до две победи. Вториот меч се игра во Скопје на 29 април, а евентуалната „мајсторка“ на 6 мај повторно во Широки Бријег.


