Покрај домашното првенство, вицешампионот на Македонија, ТФТ во следните две недели ќе биде зафатен и со настапот во плејофот од АБА 2, како единствен претставник од земјава.
МЗТ Скопје не успеа да го помине лигашкиот дел, па ТФТ ќе ја брани честа на македонската кошарка иако е јасно дека е аутсајдер во дуелите со поранешниот шампион на АБА 2, Златибор. Српскиот тим со години е еден од најдобрите во регионалното натпреварување, во 2022 година ја освои и титулата, но поради правилата и квотите, не обезбеди пласман во елитната дивизија, туку на негово место влезе МЗТ Скопје.
ТФТ оди на Златибор по поразот од МЗТ во дербито на минатото коло поради кој го загуби и првото место на табелата во домашното првенство. Екипата од Тафталиџе има веќе завидно искуство во АБА 2 лигата, а со самиот пласман во плејофот го продолжи процесот на свој напредок на сите полиња.
„Не очекува исклучително тежок натпревар, прв од 1/4 финалнaта серија со Златибор. Зборуваме за екипа која има сериозен континуитет на работа и успеси, сериозен состав од искусни домашни и неколку странски кошаркари предводени од тренерот Страјин Недовиќ, екипа која е на самиот врв многу години и во АБА 2 лигата и во КЛС лигата. За нас, ова е наше прво учество во плејофот на АБА 2 лигата, можеби растоварени од резултатскиот императив, но со сериозен пристап кон натпреварот во обид да бидеме најдобрата верзија од себе и да го дадеме својот максимум, ако имаме и своја вечер да го изненадиме противникот“, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски пред денешниот меч.
Дуелот во Чајетина почнува во 18 часот, а со него официјално стартува и плејофот во АБА 2 лигата. Вториот меч е на програмата на 24 март, а евентуалната „мајсторка“ на 31 март на теренот на Златибор.


