Дуелот против Кожув во последното коло најверојатно директно ќе одлучува дали ТФТ како лидер ќе влезе во разигрувањето за титулата во македонското кошаркарско првенство. Шанса да не биде така е само утре Пелистер да го победи МЗТ Скопје во „Јане Сандански“, во последниот меч од третото коло на плејофот.
Финалистот во АБА 2 денеска оствари тесна победа против својот градски ривал Маџари со 85-82 и ако успее да ја одбрани челната позиција, повторно ќе се сретне со истиот тим во полуфиналето. Маџари уште еднаш покажа дека неслучајно е на четвртото место и ќе игра во полуфиналето во дебитантската сезона во елитата.
Гостите на овој меч одлично го почнаа натпреварот, водеа со 10-2 по само четири минути игра, ТФТ брзо се консолидира и фати приклучок, но по десет минути игра, резултатот сепак беше 28-21 за Маџари. И така беше се до 16 секунди пред крајот на третиот период кога со поените на Тома Стојаноски, ТФТ конечно го презеде водството и дојде до 45-43.
Последните десет минути поминаа во знакот на ТФТ, домаќинот поведе со 83-72 во финишот, а потоа Маџари внесе неизвесност со осум поени по ред за да се доближи на 80-83. Точка на сите дилеми стави Ташовски од линијата за слободни фрлања, на 11 секунди пред крајот.
Бекот на ТФТ уште еднаш ја потврди фантастичната форма во која се наоѓа во последно време и постигна 32 поена. Само уште Говенс беше двоцифрен, со 23 поени, но мора да се истакне дека Смилковски не сметаше на Гордон и Дејвис кои добија поштеда пред реваншот против Широки во финалето од АБА 2. Левис го предводеше Маџари со 19 поени, додека Хот оствари дабл дабл со 15 поени и 13 скока.


