Четвртото коло во Суперлигата почнува денеска во 13 часот со дуелот меѓу ТФТ и Штип „Јане Сандански“ во Скопје.
ТФТ влегува во дуелот по несреќното гостување во Тузла каде поради административна грешка на АБА не му беше дозволено да игра во комплетен состав и доживеа пораз со 45 разлика. Тимот од Тафталиџе имаше релативно лош распоред на почетокот од новата сезона, доживеа два пораза во воведните три кола, па денеска нема право на кикс. Штип, од друга страна, се уште ја чека првата победа во елитата, а ќе се обиде да го наметне своето искуство врз младите играчи на противничкиот тим. Со оглед на тоа што Штип првпат игра во Суперлигата, ова ќе биде и прв меѓусебен дуел на овие две екипи.
Најинтересно во ова коло ќе биде во Градски парк, каде Работнички ќе го пречека МКК Куманово во дуел меѓу два тима со високи амбиции во новата сезона.
Работнички е со максимален ефект по првите три кола, но утрешниот меч ќе биде прв сериозен тест за екипата на Владимир Мирковски која има шампионски амбиции оваа сезона. МКК Куманово пристигнува со свои планови и желба да освои важни бодови на гостувањето. Кумановци добро ја отворија сезоната и ќе се обидат да ја потврдат својата конкурентност и во едно од најинтересните соочувања во оваа рунда.
Минатата сезона двете екипи се сретнаа во финишот од основниот дел од првенството во Градски парк и тогаш Работнички славеше убедлива победа во прекрасна атмосфера во која учествуваа навивачите групи на двете екипи.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
24.10.2026
ТФТ – Штип 13:00
25.10.2026
Работнички – МКК Куманово 18:00
Кожув – Тиквеш 18:00
Пелистер – Скопје 19:00
29.10.2026
Струмица – МЗТ Скопје 18:30


