ТФТ ја запиша првата победа во новата сезона од Суперлигата, но до неа стигна потешко од очекуваното.
Тимот од Тафталиџе имаше контрола речиси во текот на целиот натпревар, но Скопје во финишот се врати од двоцифрена негатива и направи вистинска драма во „Т Арената“. На крајот, сепак, ТФТ славеше со 102-98.
„Црно-белите“ веднаш го наметнаа своето темпо и уште во првата четвртина направија предност од 12 поени. ТФТ постигна 30 поени во првите десет минути, наспроти 18 на Скопје, а предноста ја задржа и во продолжението. Екипата на Боро Смилковски на голем одмор имаше +11 (52-41), исто како и по три четвртини игра (74-63). Највисоката предност ја достигна на стартот од последниот квартал кога поведе со 80-63. Се чинеше дека ТФТ сигурно чекори кон првиот триумф, но Скопје не дозволи натпреварот да биде решен предвреме.
Гостите постепено почнаа да ја топат разликата. Од 75-85 стигнаа до 81-88, а потоа и до 83-90. Во последните минути следуваше целосен пресврт во текот на натпреварот.
По тројката на Џонс, Скопје на нешто повеќе од една минута до крајот дојде на само два поени негатива – 90-92. Во тие моменти ТФТ можеше да се најде под сериозен притисок, но домашните кошаркари останаа прибрани и одговорија со важни реализации.
Секу Сила повторно беше еден од клучните играчи на ТФТ. Новото засилување на тимот од Тафталиџе натпреварот го заврши со 23 поени и 15 скока, продолжувајќи со одличните настапи на стартот од сезоната. Сила во првото коло беше прогласен и за МВП на рундата, откако против Пелистер постигна 31 поен, девет скока и три асистенции.
Прв стрелец на ТФТ беше Цветковски. Младиот кошаркар постигна 24 поени и беше најсигурниот реализатор на домаќинот. Луис додаде 16 поени, Вајт 11, а Николовски заврши со 10 поени и четири скока.
Кај Скопје блескаше Колин Паркер со 31 поен и 10 скока. Американецот уште во првото коло беше меѓу најдобрите индивидуалци во лигата со 26 поени и девет скока против Кожув.


