Актуелниот вицешампион ТФТ со пораз го заврши лигашкиот дел од АБА 2 лигата, но има причини за задоволство бидејќи обезбеди пласман во плејофот од регионалното натпреварување.
Тимот од Тафталиџе загуби на гостувањето кај Јахорина со 84-92, но тоа беше доволно да заврши во топ-8 што гарантира учество во разигрувањето за титулата. ТФТ вечерва само еднаш беше во водство (8-7) и два пати имаше нерешен резултат, се други беше во корист на домашниот тим.
На голем одмор Јахорина водеше со 53-35, но ТФТ одигра фантастична трета четвртина во која постигна безмалку исто поени колку во цело прво полувреме (34). Тоа придонесе да се доближи на 69-76, во последниот период домашниот тим отиде на -+15, но нашиот тим успеа да се избори за пристоен пораз со кој се пласира во плејофот.
Говенс и Дејвис беа најдобри кај ТФТ со по 21 поен, Гордон постигна 15, а Ташовски 13. Што се однесува до вториот македонски претставник МЗТ Скопје, ќе му треба победа од најмалку 15 разлика на гостувањето кај Широки во вторник за да влезе во разигрувањето за титулата.


