Кошаркарите на ТФТ денеска ја започнуваат новата сезона во АБА2 лигата, а првиот предизвик за македонскиот претставник ќе биде гостувањето кај Слобода од Тузла.
Натпреварот е закажан за 18 часот, а тимот на Боро Смилковски во новата сезона влегува со статус на актуелен вицешампион и амбиции повторно да се вмеша во борбата за пласман во елитното регионално натпреварување.
ТФТ минатата сезона оствари историски успех, стигнувајќи до финалето со што дојде на чекор од пласман во АБА лигата. Сепак, последната пречка се покажа како преголема, откако Широки Бријег го запре македонскиот тим во борбата за промоција.
Сега, со изменет и подмладен играчки состав, скопјани повторно се подготвени за предизвикот. Целите остануваат високи, а првиот чекор ќе биде обид да се освои победа на незгодното гостување во Тузла.
Слобода е добро познат противник за ТФТ, бидејќи двата тима се сретнаа и во претходното издание на натпреварувањето. На тој дуел, одигран во Скопје, македонскиот состав славеше со 96-91. Сепак, денешната средба носи поинакви околности, бидејќи ТФТ ќе мора да се справи со домашната публика и амбициите на босанскиот тим.
Тренерот Боро Смилковски очекува тежок натпревар, во кој концентрацијата, агресивноста и контролата на скокот би можеле да бидат пресудни за конечниот исход.
„Нè очекува тежок натпревар, прв за нас во овогодинешното издание на АБА2 лигата. Слобода има квалитетна екипа која во голема мера го задржа играчкиот кадар од ланската сезона, како и континуитетот во работата на тренерот Марко Трбиќ. Во сериозен пристап и фокус на деталите, ќе се обидеме со агресивност да наметнеме наш стил на игра во транзиција со доста поседи. Контролата на скокот ја издвојувам како еден од клучните фактори во обидот да дојдеме до позитивен резултат на натпреварот“, истакнува Смилковски.
Оптимизам владее и во играчкиот табор. Капитенот Страхил Николов нагласува дека екипата е подготвена за предизвикот и дека минатогодишниот успех претставува дополнителен мотив за новата сезона.
„Нè очекува тежок натпревар на гостински терен со кој ја отвораме сезоната во АБА2. Подготвени сме на предизвикот и веруваме во нашиот квалитет и стил на игра. Во новата сезона влегуваме како вицешампиони, што претставува голем успех за нас, но и дополнителна мотивација. Се надевам дека ќе дадеме сè од себе за да ја почнеме сезоната со позитивен резултат“, вели Николов.
За ТФТ, добар старт би бил значаен чекор кон остварување на амбициите и потврда дека тимот и покрај промените во составот останува конкурентен на регионалната сцена. Првиот испит доаѓа веднаш на гостински терен, против противник кој добро го познаваат, но кој сигурно ќе сака сезоната да ја отвори со победа пред своите навивачи.
Натпреварот меѓу Слобода Енергоинвест и ТФТ се игра денеска од 18 часот во Тузла.


