ТФТ продолжува со стратегијата за развој и афирмација на млади македонски кошаркари, а ново име во составот на клубот е 19-годишниот Матеј Митревски.
Тинејџерот кој игра на позицијата два пристигнува во ТФТ од редовите на Вардар, каде го направи досегашниот дел од својата кариера. Тој е втор играч од Вардар кој последните два дена се пресели во ТФТ, по јуниорскиот репрезентативец Григориј Ѓорѓевиќ, кој исто така претстојната сезона ќе игра во црно-бело.
Митревски во новата средина ќе добие можност за дополнителен развој и постепено наметнување во сениорската конкуренција. Од клубот истакнуваат дека неговиот ангажман е дел од определбата да им се даде простор на младите македонски кошаркари. ТФТ има амбиции младите играчи да добијат значајна улога не само во Првата македонска лига, туку и на регионалната сцена, односно во АБА 2 лигата.
Со ангажманот на Митревски, клубот од Тафталиџе продолжува да го гради ростерот за новата сезона, ставајќи акцент на младите и перспективни домашни кошаркари.


