Вицешампионот на Македонија, ТФТ денеска треба да го доврши она што го почна минатата недела.
На домашен терен, актуелниот лидер на табелата во домашното првенство ја пречекува Сутјеска во вториот меч од полуфиналната серија во АБА 2 лигата, а при водство од 1-0. Сезонава ТФТ беше прилично сигурен на натпреварите што ги одигра во Скопје во рамките на регионалното натпреварување, доживеа само еден пораз и тоа минимален, од Домжале поради што и оптимизмот дека денеска ќе биде завршена работата, е основан.
ТФТ веќе направи изненадување со тоа што го елиминира Златибор во четвртфиналето, но евентуален триумф и против Сутјеска ќе ги надмине сите очекувања од пред сезоната, дури и на играчите и стручниот штаб. Во тимот се претпазливи пред денешниот натпревар и покрај предноста од 1-0 во серијата.
„Меч топка, на домашен терен. Моменталниот резултат не менува ништо, играме против исклучително квалитетен и искусен тим, играчи и тренер со голем број вакви натпревари во нивните кариери. На нас е да останеме смирени, да бидеме фокусирани при подготовката и на самиот натпревар. Со правилен пристап и дисциплина во играта, сигурен сум дека ќе го дадеме својот максимум, но мора да останеме со ладна глава и фокусирани на деталите. На крајот, веруваме во себе и во позитивен резултат во овој историски натпревар за нас и за Тафта“, рече тренерот Боро Смилковски.
Минатонеделниот триумф на ТФТ беше прв во дуелите против Сутјеска во АБА 2 лигата. Претходно овие две екипи играат и во 2022 и 2023 година и во двата меча црногорскиот тим славеше убедливи победи, но тие дуели се играа на неутрален терен. Во текот на викендот, тимот од Никшиќ го совлада Ловќен во првиот четвртфинален натпревар од домашното првенство.
Денешниот меч се игра од 18 часот во Градски парк. ТФТ објави дека за натпреварот постои голем интерес и се очекува салата „Лазар Лечиќ“ да биде исполнета до последно место.


