Вицешампионот на Македонија, ТФТ доживеа пораз во првиот натпревар од четвртфиналето од плејофот во АБА 2 лигата.
Нашиот претставник загуби на гостувањето кај Златибор со 86-101, па идната недела на домашен терен ќе ја бара шансата да остане во игра и да се избори за „мајсторка“ во оваа серија. Иако српскиот тим беше речиси постојано во водство, отпорот на ТФТ го скрши дури во третата четвртина.
Во првите два, Златибор ја имаше контролата над резултатот, водеше и со 12 разлика (37-25), но ТФТ знаеше да се врати во игра и да се доближи на само четири поени, како што беше пред крајот на полувремето (44-48). Слично беше и во првата половина од третиот квартал, но потоа Златибор постигна две тројки во низа и отиде на +14 за по 30 минути игра да води со 78-63. Во последниот период водството на домаќините се искачи и на 21 поен и стана јасно дека ТФТ нема шанси за пресврт.
Ташовски со 18 поени беше најефикасен кај ТФТ, но Говенс повторно беше лидер на теренот со 17 поени, шест асистенции и четири скока за индекс 28. Вториот меч од серијата се игра на 24 март во Скопје.


