АБА 2 лигата денеска ќе го добие последниот учесник во полуфиналето од плејофот, откако во Чајетина ќе се сретнат Златибор и македонскиот вицешампион ТФТ.
За нашиот тим ова е историска шанса не само за прв пласман меѓу четирите најдобри во регионалното натпреварување, туку и за продолжување на надежите за место во елитната конкуренција на АБА. ТФТ е единствен „аутсајдер“ кој успеа да се избори за мајсторка во четвртфиналето бидејќи сите други серии завршија со 2-0 за екипите кои беа во топ-4.
Пред денешниот натпревар, кој се игра од 18 часот, Златибор славеше на домашен терен со 101-86, а ТФТ врати во Градски парк со 87-79 и тоа беше прва победа за тимот од Тафталиџе против овој ривал во АБА 2.
„Трет и одлучувачки натпревар од серијата, елиминациски меч за двата тима. Треба да пристапиме со самодоверба, дисциплина и концентрација во обид да постигнеме позитивен резултат. Агресивноста во одбраната и контролата на скоковите можат да бидат клучни параметри за успехот на натпреварот. Верувам дека ќе бидеме сведоци на добра и модерна кошарка со надеж за наш историски пласман во полуфиналето на АБА 2“, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Здравствениот билтен во тимот на ТФТ е релативно поволен, ќе недостасува само Страхил Николов кој е надвор од строј веќе две недели.


