Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, ТФТ организира турнир кој ќе биде еден од најсилните пред почетокот на новата сезона.
Турнирот е меморијален, во чест на навивачот на ТФТ, Андреј Грковски Тафта и ќе се одржи на 6 и 7 септември во СРЦ „Кале“. Покрај домаќинот, на него ќе учествуваат најголемите ривали во македонската кошарка Работнички и МЗТ Скопје, како и поранешниот вицешампион Кожув.

Првиот план на ТФТ беше турнирот да биде меѓународен бидејќи како еден од учесниците беше планиран грчкиот Ираклус. Сепак, клубот од Солун прво го прифати, па неочекувано го откажа своето присуство и раководството на ТФТ беше принудено да бара ново решение. На крајот излезе многу подобро бидејќи на исто место ќе бидат три од четирите најдобри екипи во македонското првенство од минатата сезона. Тоа ќе биде и прва можност на дело да се видат квалитетите на сите четири учесници кои претрпеа големи играчки промени во текот на летото.
Деновиве треба да се одржи ждрепката која нема да биде диригирана, па не е исклучено во полуфиналето да се паднат Работнички и МЗТ Скопје што би била одлична најава за новата сезона. Без разлика на се, од ТФТ планираат да направат спектакл, полуфиналните натпревар ќе се играат на 6 септември, а ден подоцна е дуелот за третото место и финалето.


