Најдобриот играч на ТФТ последната сезона Виктор Ташовски првпат во својата кариера ќе игра надвор од Македонија.
Стандардниот репрезентативен плејмејкер ја прифати понудата од хрватскиот премиерлигаш Дубровник и во новата сезона ќе игра за клубот од истоимениот град. Дубровник последната сезона ја заврши на петтата позиција во основниот дел од сезоната во домашното првенство, а потоа во четвртфиналето го елиминира Самобор пред да загуби од тогаш се уште актуелниот шампион Задар со 0-2.
Во дресот на ТФТ претходната сезона, Ташовскки одигра 31 натпревар во македонскиот шампионат со ефект од 15,8 поени, 3,3 асистенции и 1,3 украдени топки. Тоа беше и најдобра сезона во кариерата на 24-годишниот битолчанец кој покажа дека може да игра на врвно ниво и во македонската репрезентација кој на почетокот од јули против Луксембург беше најефикасен со 16 поени.
Што се однесува до ТФТ, тимот летово остана без двајца исклучително важни играчи во својот тим – Дерин Говенс кој се пресели во Работнички и сега Ташовски кој заминува во Дубровник.


