Лидерот на табелата во македонското кошаркарско првенство ТФТ е многу блиску до пласман во плејофот од АБА 2 лигата откако вечерва на домашен терен ја совлада Слобода Тузла со 96-91.
За триумфот, на нашиот тим му беше потребно продолжение од пет минути и покрај тоа што во третата четвртина водеше и со 13 поени разлика. Гостите беа во водство само еднаш, во првиот период со два поена, но во последните десет минути успеаја да ја анулираат високата негатива и да се изборат за продолжение.
Во него одлучи серијата од 10-0 по која ТФТ отиде на 94-83 и повеќе немаше враќање за Слобода која, сепак, остави одличен впечаток. Гордон беше најефикасен во тимот на ТФТ со 20 поени, Ташовски и Дејвис постигнаа по 18, а Говенс 14.
Со оваа победа ТФТ се израмни со Златибор на делба на третата позиција на табелата, а има поволен распоред во последните две кола во кои се среќава со босанските Студент (дома) и Јахорина (на гости). Со една победа сигурно ќе има пласман во плејофот, а со две не е далеку и првото место по основниот дел.


