Екипата на ТФТ ќе остане лидер на табелата во Суперлигата најмалку уште една недела откако попладнево рутински ја заврши својата работа и со 95-66 го совлада градскиот ривал Ангели.
Јасно беше дека тимот од Тафталиџе е фаворит на овој меч и се очекуваше само конечниот резултат. Ангели парираа во првата четвртина, не дозволуваа противникот драстично да се оддалечи, но не можеа тоа да го спречат во натамошниот дел од натпреварот.
Клучната предност ТФТ ја почна во првите пет минути од третиот период кој го отвори со 15-3, за водство од 65-43. Тоа беше и крај на надежите на Ангели дека можат финишот од мечот да го направат неизвесен.
Виктор Ташовски беше одличен и постигна 23 поени со пет асистенции, а двоцифрени беа уште четворица кошаркари во гостинскиот тин. Ренг ги предводеше Ангели со 18 поени и седум скока. Ова беше генерална проба за ТФТ за дербито на сезоната во следното коло во кое го пречекува шампионот МЗТ Скопје.


