Поранешниот вицешампион на Македонија, ТФТ ќе има исклучително квалитетен подготвителен период за новата сезона во која ќе се обиде да ги повтори успесите од последните две кампањи.
Клубот од Тафталиџе веќе му гостуваше на ПАОК, синоќа одигра и пријателски меч со македонската репрезентација, а во септември има максимално згуснат распоред. Покрај претходно закажаните силни тестови со домашни и странски ривали, ТФТ денеска доби и прифати понуда за настап на силен турнир во Солун кој ќе се одржи во периодот од 20 до 22 септември.
На турнирот, покрај македонскиот суперлигаш, ќе учествува грчкиот гигант Арис, предводен од нашиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, како и Викос Фалконс, Миконос и Ираклис од Грција, Бахчешехир од Турција и Балкан од Бугарија. Колку е силно ова друштво, најдобро зборува фактот што Арис и Бахчешехир претстојната сезона ќе учествуваат во Еврокупот.
Според актуелниот распоред, на 21 септември ТФТ ќе игра со Викос Фалконс, а натамошниот настап ќе зависи од другите резултати. Турнирот ќе се игра во салата на Ираклис, Иванофио, а го организира судиската организација на Грција.


