Вечерва од 18 часот во Кале се игра дербито на седмото коло од Првата македонска кошаркарска лига, меѓу водечките екипи на табелата ТФТ и Чаир.
Тоа ќе биде прва пресметка на овие две екипи по масовната тепачка која се случи на меѓусебниот подготвителен натпревар за време на подготовките на новата сезона, во септември. Иако тој дуел немаше никакво резултатско значење, дојде до инцидент во кој учествуваа играчи на ТФТ и навивачите на Чаир при што најлошо помина капитенот на тимот од Тафталиџе, Едис Нури. Подоцна, двата клуба беа казнети со вкупна сума од 78 илјади денари и покрај тоа што се работеше за претсезонски дуел.
За разлика од тој меч, денешниот ќе има многу поголемо значење бидејќи двата тима се во жестока битка за врвот на табелата и во моментов ги држат водечките две позиции. Сигурно ќе има провокации, па ТФТ во консултација со надлежните презеде низа мерки за да не се повторат срамните сцени од септември.
Навивачите ќе бидат разделени, оние на ТФТ ќе бидат сместени на „централната“ трибина, зад клупите на двете екипи, додека симпатизерите на Чаир можат да го проследат мечот од спротивната трибина. Желбата е се да помине во најдобар ред и целата енергија да се насочи на теренот.


