Со негатива од 0-1, вицешампионот на Македонија, ТФТ вечерва од 19 часот во Градски парк го игра вториот натпревар од финалната серија од АБА 2 лигата.
Минатата недела му даде голем отпор на Широки, но не издржа и доживеа пораз. Она што го испушти на гости, ќе се обиде да го надополни пред своите навивачи од кои сите во клубот очекуваат да ги наполнат трибините во салата „Лазар Лечиќ“. Сезонава ТФТ како домаќин во АБА 2 играше во дури три сали, но доживеа само еден пораз и тоа минимален, од Домжале во лигашкиот дел.
Изданијата против Златибор и Сутјеска, како и она од првото полувреме со Широки пред седум дена, гарантираат дека ТФТ има квалитет и сила за највисоки дострели, а дополнителна предност е тоа што не мора да мисли на домашното првенство бидејќи од пред два дена го има загарантирано првото место пред полуфиналето од плејофот. Тоа значи дека сите сили може да ги насочи кон вечерашниот дуел против Широки и да се избори за „мајсторка“ која би се играла идната недела на теренот на противникот.
Нема сомнение дека ќе биде исклучително тешко затоа што Широки има само еден пораз сезонава во АБА 2 лигата, доживеан уште во првото коло од Сутјеска. Тоа значи дека во моментов се наоѓа во серија од 12 победи во регионалното натпреварување и време е таа да биде запрена токму во Скопје.


