За разлика од четвртфиналето во Купот, ТФТ едвај излезе на крај со својот градски ривал Феникс, но сепак успеа да го победи и да го сочува првото место на табелата во Суперлигата.
Тимот од Тафталиџе славеше со 84-80 и во добро расположение ќе ја дочека новата пауза во првенството по која му следува клучен меч во АБА 2 лигата. Интересно е тоа што ТФТ вечерва имаше предност и од 18 разлика, но си дозволи во неизвесен финиш буквално да гребе за победата.
Факт е дека највисоката предност (27-9) дојде во првата четвртина, но сепак не се очекуваше ТФТ да доживее толкав пад за да се спасива во последните еминути. Феникс успеа да се врати во игра веќе до крајот на првото полувреме бидејќи на големиот одмор замина со нерешен резултат (40-40).
Победникот се решаваше во последните 67 секунди во кои се влезе со 80-80. Ташовски потоа погоди две слободни фрлања, Матјес ја загуби топката, а Зафиров од пенал-линијата стави точка на мечот.
Дејвис со 23 поени беше најефикасен кај ТФТ, Зафиров постигна 17, а Гордон 14. Дајсон со 16 поени го предводеше тимот на Феникс.


