Лидерот на табелата ТФТ му се одмазди на Тиквеш за минатонеделниот дебакл во Кавадарци откако денеска на домашен терен славеше со 80-74, во првото коло од плејофот во Суперлигата.
Воедно, вицешампионот на фантастичен начин се загреа за она што му претстои идната недела – вториот меч од серијата со Сутјеска кој може да го однесе во финалето од АБА 2 и дербито со МЗТ Скопје кое директно ќе одлучува за првото место на табелата.
Тиквеш уште еднаш се покажа како жилав противник и на ТФТ му требаше многу време за да го скрши отпорот. Кавадарчани беа подобри во првото полувреме, а на стартот на второто ја достигнаа највисоката предност (38-29). Тоа беше знак за рестарт на домашниот тим кој со серија од 17-4 направи резултатски пресврт за потоа со уште една серија од 12-0 да отиде на огромнин 58-46.
Сепак, Тиквеш не се предаде, продолжи да се бори и на 93 секунди пред крајот дојде до водство од 74-73, по тројката на Хоукинс. И тука застана. ТФТ го затвори натпреварот со серија од 7-0 за конечна победа и задржување на првото место на табелата.
Зафиров одигра одличен натпревар, постигна 20 поени со шест скока, Гордон додаде 17 поени, а Ташовски 11. Хоукинс го предводеше Тиквеш со 20 поени.


