Вицешампионот на АБА 2 лигата ТФТ претрпе убедлив пораз во првото коло од новата сезона во регионалното натпреварување откако попладнево загуби на гостувањето кај Слобода Тузла со 61-106.
Најважната вест од овој натпревар е тоа што тимот од Тафталиџе го одигра натпреварот со само шестмина кошаркари во записникот и на теренот, очигледно поради проблеми со регистрацијата. Во составот ги немаше странските играчи, четворица на број, па во такви услови не можеше исходот да биде поинаков.
Слобода максимално ги искористи проблемите на ТФТ и оствари една од најубедливите победи во својата историја на меѓународна сцена. Од почетокот беше јасно како ќе се одвива натпреварот, на крајот од првото полувреме резултатот беше 54-26, па единствената дилема беше како ќе заврши овој меч со оглед на тоа што десеткуваниот ТФТ не беше рамноправен ривал.
Тома Стојаноски најдобро ја искористи зголемената минутажа, постигна 25 поени со седум скока, а двоцифрени беа уште Николов и Ѓорѓевиќ кои реализираа по 12.


