Вицешампионот на Македонија, ТФТ вечерва ја заврши јадранската одисеја за оваа сезона откако доживеа пораз и во вториот натпревар од баражот за пласман во АБА лигата, против Борац.
Тимот од Чачак славеше во Скопје со 97-65, потврдувајќи ја доминацијата од првиот натпревар на свој терен каде исто така оствари убедлив триумф. Уште по првото полувреме беше јасно дека ТФТ има мали шанси да дојде до победата бидејќи Борац на голем одмор замина со предност од 52-35. ТФТ беше рамноправен во третиот период, но во последниот успеа да постигне само девет поени и на крајот убедливо беше совладан.
Гордон со 18 поени беше најефикасен кај македонскиот претставник, Дејвис постигна 15, а Говенс 11.
ТФТ сега се насочува кон домашните обврски бидејќи во плејофот од Суперлигата го очекува вториот натпревар од полуфиналната серија против Маџари (најверојатно во вторник). Противникот има водство од 1-0, а следниот натпревар се игра на негов терен.


