Екипата на ТФТ ја оствари 11. победа по ред во сите натпреварувања и осма во домашното првенство откако вечерва како гостин го совлада Маџри со 111-90.
Тоа е трет натпревар во низа на кој тимот од Тафталиџе ја мина границата од 100 поени и сите три се во последните четири дена. Во средата против босанскиот Студент броеше до 107, во петокот против Чаир до 111 и денеска повторно до 111. Тоа е одлична увертира пред завршниот турнир од Купот на Македонија на кој ТФТ ќе се обиде да ја освои втората титула, по онаа во 2022 година.
Денешниот меч беше решен во второто полувреме во кое ТФТ покрај одличната игра во нападот, заигра и одбрана откако во првото прими дури 52 поена. Маџари се одржуваше во игра до пред крајот на третиот период кога и се наоѓаше во водство, а потоа почна пеколниот финиш на ТФТ. По 71-69 за домаќинот, лидерот на табелата направи низа од 11-0, Маџари за момент се мрдна, но потоа ТФТ со неколку помали серии ја запечати 14. победа во 15. меч во првенството кое го остава на првото место на табелата.
Шестмина кошаркари на гостинскиот тим постигнаа двоцифрен број поени, најмногу Дејвис кој реализира 21. Армстронг го предводеше Маџари со 26 поени, додека Хот повторно оствари дабл дабл, со 19 поени и 14 скока.


