Македонскиот вицешампион ТФТ денеска од 18 часот го игра клучниот натпревар за пласман во плејофот од АБА 2 лигата, а со тоа и за продолжување на надежите за место во елитната дивизија од регионалното натпреварување.
Тимот од Тафталиџе гостува во Пале (Источно Сараево), кај тимот на Јахорина на кој исто така му е потребен триумф вечерва за да се најде во топ-8, имајќи предвид дека во тек е последното коло од основниот дел. ТФТ и со пораз ќе се пласира во плејофот, но мора да избегне катастрофа затоа што во последниот меч влегува со кош-разлика +47, а Борац Бања Лука, на пример, кој во моментов е шестопласиран има +11, додека Јахорина е на +14.
„Не очекува исклучително тежок натпревар, последен од регуларната сезона во АБА 2, пред почетокот на плејофот. Тоа е исто така натпревар во кој императивот за победа е наметнат на двата тима, а конечниот резултат и кош-разликата директно ќе влијаат на конечниот изглед на табелата во оваа избалансирана сезона во лигата. Екипата на Јахорина и покрај неколкуте промени во составот забележа одлични резултати оваа година и е тим кој игра брза и квалитетна кошарка. Верувам дека ја разбираме важноста на натпреварот и сме подготвени да го дадеме својот максимум иако не сме комплетни поради проблеми со неколку повредени играчи“, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски пред вечерашниот натпревар.
Лидерот на табелата во Суперлигата вечерва ќе биде без услугите на Зафиров, како и Наумоски кој имаше операција во пределот на стомакот и прави напори да се врати за плејофот. Николов е веќе еден месец надвор од строј и за неговото учество на овој меч ќе се одлучува непосредно пред почетокот. Освен тоа, Виктор Ташовски десетина дена не беше со тимот поради обврски кон репрезентацијата, од Баку се врати во вторникот вечер, а веќе вчера наутро тргна кон БиХ.
Исходот од денешниот натпревар со големо внимание ќе го следи и МЗТ Скопје кој идната недела гостува во Широки, во последниот меч од основниот дел на сезоната.


