Македонскиот суперлигаш ТФТ денеска гостуваше во Приштина каде се сретна со тамошниот член на елитната дивизија Бора и загуби со 69-80.
Тоа беше втор меч за поранешниот вицешампион на Македонија во подготвиелниот период и втор со странски ривал откако пред десетина дена се сретна со ПАОК во Солун. Денешниот натпревар беше максимално интересен и покрај тоа што Бора на крајот славеше со 11 разлика.
Домашниот тим ја имаше контролата над резултатот во поголемиот дел од мечот, на крајот од првото полувреме водеше со 42-27, а на средина од третиот период и со 54-41, но ТФТ со серија од 13-2 се доближи на само два поена негатива. На пет минути пред крајот беше 64-63 за Бора, но ТФТ тука застана, косовскиот тим направи 16-6 во финишот и дојде до преубедлива победа во однос на она што се случуваше на теренот.
Најдобар во тимот на ТФТ беше Секу Сила кој постигна 23 поени, 12 скока и пет асистенции, а двоцифрен беше уште Херис кој постигна 11. За Бора настапи новопечениот македонски репрезентативец Резарт Мемет кој постигна пет поени.


