Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш со убедлива победа ја отвори новата сезона во Суперлигата.
Кавадарчани беа прв ривал на дебитантот во елитата Штип, но очигледно не беа импресионирани од атмосферата и триумфираа со 93-65 против највозрасниот состав во лигата. Иако се очекуваше жестока борба, прашањето околу победникот беше решено по само десет минути игра.
Во воведната четвртина Тиквеш направи серија од 15-0 и ја доби со вкупно 30-9. Предноста се зголемуваше и во вториот квартал кога гостите поведоа со 35-12, но Штип некако успеа да асе стабилизира и да не му дозволи на противникот барем да ја зголемува. Во финалните десет минути Тиквеш направи уште еден притисок и со серија од 11-0 отиде на 78-53, па финишот од мечот остана само чиста формалност.
Сите стартери во гостинскиот тим имаа двоцифрен ефект, најефикасен беше Смит со 25 поени, Сјукс додаде 17, а Кечовски 14. Александровски, Санфорд и Хемилтон го предводеа Штип со по 13 поени.


