Екипата на МКК Куманово ја оствари првата гостинска победа во сезоната, вкупно втора откако вечерва славеше во Кавадарци против Тивкеш со 76-75.
Драматичниот дуел се решаваше во последните секунди, а домашниот тим пропушти шанса да дојде до победата бидејќи на 23 секунди водеше со 75-72. Во финишот кумановци подобро се снајдоа и дојдоа до победата иако се соочија со многу проблеми бидејќи Мекиќ не играше поради повреда, а Стајиќ доживеа удар во главата за врме на натпреварот.
Мечот беше мошне неизвесен и израмнет, особено по првата четвртина бидејќи највисоката предност ја имаше Тиквеш во деветтата мминута и таа изнесуваше седум разлика (19-12). МКК Куманово се врати во игра во вториот период, но двете екипи се менуваа во водство се до последните секунди од натпреварот.
По кошот на Смит на 23 секунди пред крајот Тиквеш поведе со 75-72 за во следниот напад Мирков да направи неспортски фаул по кој Ѓуроски погоди две слободни фрлања, а потоа беше фаулиран и Гуден кој исто така двапати беше прецизен. Последниот напад, сепак, го имаше Тиквеш на кого му останаа 13 секунди и во него имаше дури три шута да потигне кош за победа. Златев тргна во напад, неговиот шут заврши во обрачот, Смит ја прифати одбиената топка и се обиде веднаш да поентира, но не беше прецизен за на крајот Глигоријевиќ да шутира, но и тој не погоди по што почна славјето на МКК Куманово.
Гуден со 21 поен ги предводеше гостите, Стевановиќ додаде 15, а Ѓуроски 14. Тиквеш ги имаше Сукс (27) и Смит (20 поени), но тие не беа доволни за втора победа во сезоната.


