Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш ја оствари втората победа во сезоната откако вечерва на домашен терен беше подобар од Феникс со 97-84.
Клучно беше второто полувреме во кое кавадарчани го скршија отпорот на противникот и дојдоа до предноста што им беше доволна за да слават на овој меч. Феникс одлично го почна натпреварот, во петтата минута имаше предност од 14-4, до крајот на полувремето го диктираше темпото, но не издржа во продолжение.
Тиквеш во третиот период првпат се одлепи на седум разлика (64-57), а по серијата од 8-0 во последниот квартал отиде и на двоцифрена разлика (76-65). На три минути пред крајот Феникс се доближи на шест поени негатива, но следуваше уште една низа од осум поени за највисоки +14 (91-77) по што беа решени сите дилеми околу победникот.
Грин беше херој на Тиквеш не само поради тоа што со 25 поени беше најефикасен, туку и бидејќи во клучните моменти постигна осум поени кои имаа голем придонес врз конечниот резултат. Андреј Митревски го предводеше Феникс со 23 поени, но тимот од Гази Баба остана со само една победа по пет кола од првенството.


