Поранешниот кошаркар, а сега тим менаџер на Црвена Звезда, Небојша Илиќ вчера вечер завршил во притвор откако бил фатен како управува возило во алкохолизирана состојба.
Според српските медиуми, тој бил запрен поради возење во обратна насока и тоа меѓу две траси на трамвајски шини, а потоа се обидел да ѝ избега на полицијата. По неколкуминутно бркање, сепак бил фатен и во неговата крв биле измерени 1,7 промили алкохол. Освен што завршил зад решетки, Илиќ е суспендиран на 72 часа од Кошаркарскиот клуб Црвена Звезда.
„Ја известуваме јавноста дека во период од 72 часа, до утврдување на фактите, го суспендиравме членот на нашиот клуб Небојша Илиќ. Тој направи сообраќаен прекршок како приватно лице во средата во попладневните часови, во Белград. По разговорите со Илиќ, клубот го санкционира поради неодговорно однесување„, стои во соопштението на Црвена Звезда.
Освен што е тим менаџер во Звезда, Илиќ е и спортски директор на српската кошаркарска репрезентација.


