Ветеранот во итаалијанската кошарка Николо Мели летово ќе го напушти тимот на Олимпија Милано затоа што тренерот Еторе Месина донесе таква одлука.
Искусниот крилен играч беше капитен на екипата поради што зачудува начинот на кој добил отказ.
„Не ни размислував за заминување, но ја почитувам одлуката на клубот. По завршувањето на сезоната, зборував со тренерот Месина за понудата што ја добив во април. Му реков дека сум тука седум-осум години, дека сум капитен бидејќи тоа има некоја вредност. Разговорит беа позитивни, а потоа, два дена подоцна, добив телефонски повик кој траеше само 45 секунди. Ме извести дека клубот донел поинаква одлука која јас ја почитувам, но никој не објасни зошто е донесена. Не сум изненаден, сето тоа е дел од овој свет, не сум ни прв, ни последен кој го сменил клубот’, изјави Мели.
Всушност, тој дојде во Олимпија Милано во 2021 година, а претходно играше за клубот од 2010 до 2015 година. Неговото заминување значи дека нема да му биде соиграч на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој вчера официјално стана член на италијанскиот шампион.


