Кошаркарите на Линденвуд ја остварија втората победа во американската универзитетска конкуренција, откако на домашен терен го совладаа Ист-Вест Универзитет со 115-44.
За тимот ова беше втор последователен убедлив триумф бидејќи пред три дена славеше со 74 поени разлика (120-46).
Линденвуд уште во првото полувреме покажа дека е далеку поквалитетен противник. Домаќините на паузата заминаа со огромна предност од 63-24, а во продолжението целосно ја контролираа играта. Особено впечатлива беше серијата од 27-0 во второто полувреме, со која разликата порасна на 61 поен (92-31).
Свој придонес во убедливиот триумф имаше и македонскиот репрезентативец Марко Луканоски. Младиот центар на теренот помина 15 минути и за тој период постигна шест поени, пет скока и четири асистенции.
Линденвуд сега има биланс од две победи и еден пораз, а следниот предизвик ќе биде гостувањето кај Небраска на 11 ноември.
Од македонските кошаркари, ноќеска на терен излегоа и Никола Јаничиќ и Марин Петков. Тенеси Мартин на Јаничиќ загуби на гостувањето кај Ај-Ју Инди со 74-75, иако имаше можност да го реши натпреварот во своја корист. Нашиот кошаркари одигра 20 минути и постигна осум поени, со шут од поле 3/6, вклучувајќи една погодена тројка од четири обиди, а додаде и еден скок. Охајо со Марин Петков ја забележа втората победа во сезоната, совладувајќи ја Северна Каролина А&Т со 80-70. Петков доби 10 минути и ги реализира сите свои обиди од поле – два шута од два обида, меѓу кои и една тројка. Заврши со пет поени, една украдена топка и една блокада.


