Екипата на Борац Бања Лука не излезе денеска на терен на натпреварот против Хелиос, во рамките на 12. коло од АБА 2 лигата.
Причина за тоа е труење на повеќе од половина кошаркари и дел од стручниот штаб поради што во текот на денот завршија на инфузија. Меѓу нив, за среќа, не е македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ. Раководството на натпреварувањето веднаш го регистрира мечот со службен резултат (20-0) за словенечкиот тим.
Борац се огласи со соопштение дека побарал одложување на натпреварот, но од Хелиос не прифатиле такво нешто, веројатно во желба да се изборат за пласман во плејофот бидејќи овој дуел беше директен во борбата за место во топ-8. Сега двете екипи имаат биланс 5/7 и се наоѓаат на седмата и осмата позиција на табелата.


