Ти Џеј Шортс продолжува да остава силен впечаток во шпанската кошарка. Македонскиот репрезентативец беше еден од најзаслужните за победата на Валенсија над Басконија со 84-75 во дербито од петтото коло на шпанската Ендеса лига, но натпреварот ќе остане запаметен и по неговото историско достигнување.
Шортс средбата ја заврши со 18 поени, пет скока и четири асистенции. Сепак, највпечатлив е податокот дека по првите пет кола во првенството, во кои помина вкупно 100 минути на теренот, сè уште нема ниту една загубена топка.
Покрај тоа, плејмејкерот на Валенсија постави и нов рекорд во Ендеса лигата. Во првите пет кола собра 21 асистенција без ниту една загубена топка, надминувајќи го достигнувањето на Тонин Љоренте, кој во сезоната 1999/2000 имаше 20 асистенции без загубен посед во истиот период од шампионатот. Така, по повеќе од 25 години, Шортс го надмина досегашниот рекорд.
За Шортс, кој летово пристигна во Валенсија од Панатинаикос, ова е одличен почеток на авантурата во Шпанија. Македонскиот репрезентативец не само што го предводи нападот на својот тим туку демонстрира и извонредна сигурност во организацијата на играта, со рекорд што сведочи за неговата контрола над топката.


