Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс потврди дека во текот на летниот преоден рок имал контакти со двата најголеми српски кошаркарски ривали – Партизан и Црвена Звезда, но на крајот решил кариерата да ја продолжи во Валенсија.
Плејмејкерот, кој минатата сезона го носеше дресот на Панатинаикос, повторно ги покажува квалитетите поради кои претходно беше еден од најдобрите играчи во европската кошарка. Во Атина не успеа да ја добие посакуваната улога кај Ергин Атаман, но преселбата во Шпанија очигледно му донесе нов почеток.
По победата на Валенсија над Партизан во Белград, Шортс за српските медиуми откри дека интересот од вечните ривали не бил само шпекулација.
„Имаше контакти со српските клубови, но на крајот одлучив да заминам во Валенсија. Сметам дека тоа беше најдобрата одлука за мене. Едноставно сакав да се вратам во средина во која повторно ќе можам да бидам тоа што сум. Чувствував дека тоа можам да го направам токму тука. Имаше многу разговори со различни тимови, но среќен сум што завршив во Валенсија“, откри американскиот кошаркар.
Шортс објасни и што најмногу му одговара во новата средина. За разлика од периодот во Панатинаикос, во Валенсија повторно има значајна улога во организацијата на играта, со топката во свои раце и голема доверба од тренерскиот штаб.
„Имам нов тренерски тим, нови соиграчи и нова улога. Повторно ја имам топката во рацете. Тренерот ми дава голема доверба, а и соиграчите ми веруваат и ми дозволуваат да ја играм мојата кошарка. Многу ме потсетува на периодот во Париз. Имам голема одговорност, но тоа е улогата што ја посакувам и во која можам да ја покажам најдобрата верзија од себе“, истакна Шортс.
Американецот не го криеше задоволството ниту од победата во Белград, нагласувајќи дека триумфот во таква атмосфера и против квалитетен противник претставува потврда за карактерот на неговиот тим. Под негово водство, Валенсија е на првото место на табелата во Евролигата што е големо изненадување ако се знае дека доживеа целосен ремонт во текот на летото и доби нов тренер.


