Откако пред два дена младата репрезентација на Македонија го заврши својот настап на Европското првенство Б-дивизија, сега редот е на јуниорите кои стапуваат на сцена.
Тие ќе учествуваат на Европското првенство што од 24 јули до 2 август ќе се одржи во Ријека и Опатија, во обид да се вратат таму каде што беа лани, во А-дивизијата. Експедицијата утре изутрина, во 5 часот тргнува за Хрватска, а пред заминувањето, селекторот Миодраг Тодоровиќ ја пренесува атмосферата во репрезентацијата.
„Атмосферата во репрезентацијата е одлична, на највисоко ниво. За жал, кај кошаркарите имаше неколку повреди кои едноставно ни ги сменија плановите во текот на подготовките. Тоа е пак ќе кажам, за жал, некоја нормална работа во овој наш спорт, повреди се составен дел од од сите подготовки, но кај нас ги имаше повеќе отколку што е вообичаено. Сепак, не се откажуваме, одиме напред во надеж дека ќе се покажеме во најдобро издание“, вели селекторот.
На Европското првенство, македонската У18 репрезентација се наоѓа во групата Д, заедно со Шведска, БиХ, Грузија и Унгарија. Првиот меч е в петок против Грузија и тој може да ја детерминира насоката кон која ќе се движи нашата селекција на овој шампионат.
„Имавме време да анализираме противниците, но како најголем ривал не би можел да посочам ниедна репрезентација. Во моментов, насочени сме кон Грузија и тој ни е, од тие причини, најтежок противник. Ќе одиме постапно, натпревар по натпревар и ќе се обидеме да оствариме најдобри резултати затоа што тоа му го должиме на националниот дрес“, додава Тодоровиќ.
Желбите на кошаркарската јавност во земјава секогаш се највисоки, од тоа не беа ниту селекторот кој бара кошаркарите да извадат се од себе.
„Можам да ветам дека ќе дадеме 100%, дека секоја секунда ќе се бориме. Кога се игра за Македонија, амбициите мора да се највисоки, тоа е тој менталитет кој пробуваме да го градиме кај секој член на репрезентацијата“, завршува селекторот.


