Екипата на Кожув со големи амбиции влегува во новата сезона, а тренерот Миодраг Тодоровиќ истакнува дека главниот фокус на тимот ќе биде максималната борбеност на секој натпревар.
Младиот стручњак потсетува на традицијата и историјата на клубот, кој во минатото се борел за највисоките позиции во македонската кошарка, со настапи во финалето на Суперлигата и Купот на Македонија.
„Кожув е клуб со традиција, клуб кој играл финале во Суперлигата, играл финале и во Купот. Кожув е бренд кој опстои долги години на кошаркарската мапа“, истакна Тодоровиќ.
Тренерот нагласува дека токму борбеноста и односот кон играта треба да бидат препознатлив знак на екипата во новата сезона.
„Нашата цел е да дадеме максимум. Целта на играчите и на нас како стручен штаб е да се бориме за секој натпревар и да дадеме сè што можеме. Мислам дека така и гевгелиската публика ќе го препознае она за што сме тука“, додава Тодоровиќ.
Кожув, според неговите зборови, сака на теренот да покаже тимски карактер и максимална посветеност, без разлика на противникот.
„Да се бориме за секоја топка и за секоја минута, за да извадиме што е можно подобар резултат“, порача тренерот на гевгелискиот тим.
Токму борбеноста, дисциплината и максималниот пристап во секој натпревар ќе бидат основата врз која Кожув ќе се обиде да ги оствари своите амбиции во новата сезона. Првиот меч од новата сезона гевгеличани го играат против Скопје (поранешен Маџари), тимот кого Тодоровиќ го водеше минатата натпреварувачка кампања.


