Во својата дебитантска сезона во елитата, Маџари успеа да оствари огромен успех и да се пласира во полуфиналето од плејофот каде денеска ќе се сретне со својот градски ривал ТФТ.
Тимот од источниот дел на Скопје ги надмина сите очекувања, но вечерва уште еднаш ќе се обиде да докаже дека досегашните резултати не се случајни. Тренерот Миодраг Тодоровиќ во својата прва сезона како шеф на стручен штаб во Суперлигата направи нешто што малкумина го очекуваа, но не планира тука да застане.
„Денеска ни претстои првиот натпревар од полуфиналната серија против ТФТ. За нас историски и можеби најзначаен досега, што и ќе покажеме на терен. Верувам дека моите играчи ќе дадат се од себе за да направиме брејк во серијата. Би сакал да ја искористам оваа прилика да ги повикам сите навивачи, симпатизери на Маџари да дојдат и ни дадат поддршка денеска“, рече тренерот на Маџари.
Првиот натпревар од серијата меѓу ТФТ и Маџари се игра вечерва од 20 часот во салата во Градски парк.


