Екипата на Тофаш синоќа го доживеа првиот пораз на домашен терен оваа сезона во домашното првенство откако загуби од Галатасарај со 78-91.
Претходно тимот од Бурса беше еден од двата без пораз пред своите навивачи, заедно со Фенербахче и во серија од седум победи во својата арена. Сепак, на синоќешниот меч не покажа ништо од претходните изданија, првата четвртина ја загуби со 16-31, а на голем одмор замина со негатива од 21 разлика (30-51). Гостите имаа убедлива предност до самиот финиш кога Тофаш со серија од 9-0 се избори за пристоен пораз.
Играта на Тофаш го изнервира тренерот Емил Рајковиќ кој потоа им се извини на навивачите за очајното издание на неговите кошаркари.
„Се срамам од нашето издание во првата чевтртина. Им се извинувам на нашите навивачи кои дојдоа на овој натпревар и ги исполнија трибините до последното мемсто. Ќе направиме се што можеме да се вратиме нашата моќ и никогаш повеќе да не играме вака“, рече Рајковиќ.
Дуелот со Галатасарај, на чија клупа е Џанмарко Поцеко, беше директен за осмото место на табелата, последно кое води во плејофот. Тофаш е на деветтата позиција со две победи помалку од Анадолу Ефес, Ерокспор и Галатасарај кои се пред него.


