Леброн Џејмс сè уште е една од најголемите ѕвезди во НБА и покрај тоа што е на 41-годишна возраст.
Неговата импресивна кариера, сепак, се соочува со нов, неочекуван предизвик. Поради строгите правила на лигата, Џејмс е на само еден натпревар од тоа да испадне од борбата за сите индивидуални награди на крајот од сезоната, вклучително и изборот за Ол-НБА. Ситуацијата ескалираше откако Џејмс, кој постигна 30 поени за 33 минути против Пеликанс пред два дена, ноќеска не играше против Сан Антонио Спарс. На два часа пред мечот, Лејкерс објавија дека суперѕвездата има проблеми со левиот глужд и грбот.
Ова не е првпат оваа сезона Леброн да се мачи со повреди. Тој веќе пропушти 14 натпревари од сезоната поради ишијас што му влијаеше на долниот дел од грбот и десната нога, а сè уште не одиграл два натпревара во два последователни дена откако се врати на теренот.
Со пропуштањето на натпреварот против Спарс, Леброн стигна до бројката од вкупно 17 оваа сезона. Според новите правила на НБА, секој играч мора да одигра најмалку 65 натпревари за да биде во конкуренција за награди како што се MVP или избор во најдобрите пет во сезоната. Ова значи дека Џејмс е во опасност да прекине неверојатна серија од 21 последователна сезона во која беше избран во еден од трите All-NBA тимови. Ако пропушти само уште еден натпревар, таа серија ќе биде завршена, а со оглед на тоа што Лејкерс имаат уште 45 меча од основниот дел, неверојатно е да ги одигра сите.
Фактот дека возраста и повредите си го земаат данокот е видлив и во статистиката. Минатата сезона, Леброн играше на 70 натпревари, беше избран во вториот All-NBA тим и заврши шести во гласањето за MVP, со просек од 24,4 поени, 7,8 скока и 8,2 асистенции. Оваа сезона, тој има просек од 21,7 поени, 5,4 скока и 6,8 асистенции по натпревар.


