Кошаркарот на ТФТ, Тома Стојаноски, е оптимистички расположен пред денешниот дуел против МЗТ Скопје, во рамките на третото коло од Суперлигата. Гостиварецот истакнува дека тимот во текот на целата недела се подготвува за ова дерби, со јасна цел – да стигне до победата.
Стојаноски нагласува дека фокусот во таборот на ТФТ е на највисоко ниво, а верува дека со препознатливата игра, борбеноста и максималниот ангажман на теренот, неговиот тим може да го совлада ривалот.
„Знаеме што е потребно за да го добиеме МЗТ. Цела недела се подготвуваме за овој дуел и максимално сме фокусирани. Со наша игра и борбеност ќе оствариме победа на ова дерби“, смета Стојаноски.
Пред ТФТ е нов голем предизвик, а дербито против МЗТ Скопје носи дополнителен мотив за двете екипи. Тимот од Тафталиџе во првите две кола од сезоната оствари по една победа и пораз – загуби од Пелистер на стартот, а потоа го победи Скопје. Дербито во „Јане Сандански“ се игра од 18 часот.


